Фото: Фејсбук/Џорџа Мелони

Италијанската премиерка Џорџа Мелони синоќа изјави дека таа и уште двајца министри се обвинети од Меѓународниот кривичен суд (МКС) поради поддршката на Рим за Израел.

– Јас, министерот Крочето (Гвидо, министер за одбрана), министерот Тајани (Антонио, министер за надворешни работи) и верувам дека извршниот директор на Леонардо, Роберто Чинголани, станавме предмет на тужба од МКС за соучество во геноцид. Не мислам дека постои друг случај на ваков вид тужба во светот или во историјата – рече таа ноќеска во телевизиска емисија.

Леонардо е италијанска група за аеронаутика и одбрана.

Тужбата, поднесена на 1 октомври, е изготвена од група која се нарекува „Адвокати и застапници за Палестина“ и потпишана од околу педесет лица, вклучувајќи професори по право, адвокати и неколку јавни личности.

– Со својата поддршка на израелската Влада, особено преку снабдување со смртоносно оружје, италијанската Влада стана соучесник во актуелниот геноцид и тешките воени злосторства и злосторства против човештвото извршени против палестинското население – наведоа авторите на тужбата.

Тие бараат од МКС да размисли за започнување формална истрага за нивната жалба.