Италијанската премиерка Џорџа моментно се позиционира како еден од потенцијално најблиските сојузници на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп меѓу лидерите на ЕУ
Италијанската премиерка силно се залага за добри односи помеѓу ЕУ и САД
Европската Унија мора да биде прагматична и отворена со новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, порача италијанската премиерка Џорџа Мелони, која во дел од светските медиуми се смета за потенцијален „дипломатски мост“ помеѓу Европската Унија и САД.
– Од суштинско значење е да се одржи прагматичен, конструктивен и отворен пристап со новата администрација на Трамп, користејќи ги областите со потенцијал за плодна соработка помеѓу ЕУ и САД и со обид за спречување на трговските спорови, кои, секако, не би биле добри за никого – рече Мелони во говорот во италијанскиот парламент пред самитот на Европскиот совет во Брисел.
Мелони моментно се позиционира како еден потенцијално најблиските сојузници на новоизбраниот американски претседател Трамп меѓу лидерите на ЕУ. Таа беше меѓу првите европски лидери што му честитаа за неговата изборна победа во ноември, а Трамп веќе се сретна со неа во Париз на почетокот на месецов, на повторното отворање на обновената Богородична црква. Италијанската премиерка, исто така, категорично го отфрли етикетирањето на новоизбраниот претседател на САД како „непријател“ во Европа.
– Ако постои загриженост за протекционистичките економски политики, во однос на кои секако мораме да работиме за да се избегнат, не верувам дека започнувањето дијалог со дефинирањето некого како непријател, ќе помогне да се постигне тоа – порача Мелони.
Трамп, пак, изјави дека е подготвен да работи со Мелони, велејќи „таа е фантастична. Таа е фантастичен лидер и личност“.
Во врска со можноста за воведување тарифи за европските стоки од страна на САД, Мелони претходно рече дека ЕУ треба да се фокусира на себе наместо на она „што можат да направат САД“ за Европа.
– Не прашувајте што можат да направат САД за вас, прашајте што Европа треба да направи за себе. Европа мора да најде рамнотежа… Мислам на прашањата за конкурентноста и тарифите – рече таа пред состанокот на лидерите на ЕУ во Будимпешта на 8 ноември. Р.С.