Фото: МААЕ

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денеска информира дека е регистрирано оштетување на влезните објекти на подземната иранска нуклеарна централа во Натанц, при што нагласи дека не се очекуваат радиолошки последици ниту дополнително влијание врз самата постројка.

Директорот на МААЕ, Рафаел Гроси, претходно изјави дека засега нема докази за сериозни оштетувања на иранските нуклеарни капацитети.

-Немаме индиции дека некоја од нуклеарните постројки е оштетена или погодена – наведе тој и додаде дека МААЕ продолжува со обидите да стапи во контакт со иранскиот регулаторен орган за нуклеарна енергија преку Центарот за инциденти и вонредни состојби на МААЕ.

Во меѓувреме, иранскиот амбасадор при МААЕ, Реза Наџафи, изјави дека за време на американските и израелските воени операции врз Иран бил погоден големиот нуклеарен комплекс во Натанц.

-Повторно ги нападнаа иранските мирнодопски нуклеарни постројки кои се под меѓународен надзор – им рече Наџафи на новинарите на седницата на Управниот одбор на МААЕ, кој брои 35 земји членки – пренесува Ал Арабија.

Дополнително, „Си-ен-ен“ објави анализа на сателитски снимки направени од компанијата за просторна разузнавачка дејност „Vantor“, во изминатите 48 часа, кои укажуваат на значителни оштетувања на нуклеарната централа во Натанц – најголемиот ирански центар за збогатување ураниум и една од најчувствителните воени локации во земјата.

Според снимките, погодени се едно поголемо складиште и две помали двокатни згради, кои служеле како пристапни точки за персоналот и возилата кон подземните делови на комплексот.