Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност Дмитриј Медведев изјави дека од почетокот на 2026 година Русија регрутирала повеќе од 80.000 лица за воена служба.
Во интервју за РИА новости, Медведев посочил дека бројката ги вклучува и волонтерите, како и војниците кои потпишале договори и веќе се распоредени на служба.
– Од почетокот на 2026 година повеќе од 80.000 луѓе потпишале договори за воена служба. Ова претставува значително зголемување на бројот на припадници на вооружените сили – изјави Медведев.
Тој додал дека во тек е и регрутација на кадар за управување со беспилотни летала, што го оцени како нова, но исклучително важна област за армијата.
– Покрај редовните војници по договор, моментно регрутираме и војници за беспилотни летала – нагласи Медведев.
Според него, во овој момент нема потреба од прогласување нов бран на мобилизација.
– Во овој момент нема потреба да се прогласува нова мобилизација – рече Медведев.
Тој потсети дека во текот на минатата година Русија регрутирала повеќе од 400.000 доброволци и војници по договор.
Осврнувајќи се на одбранбената индустрија, Медведев истакна дека набавките и производството на воена опрема се одвиваат според планот одобрен од претседателот Владимир Путин.
– Успеавме да постигнеме високи стапки на производство на оружје и воена опрема. Нашето оружје е во добра состојба и, доколку е потребно, ќе го употребиме – изјави Медведев.
































