Џејк Саливан, советникот за национална безбедност на американскиот претседател, во костец со Дмитриј Медведев, втор човек на националниот Совет за безбедност на Русија
Поранешниот руски претседател и премиер, а сега втор човек на националниот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, во авторски текст деновиве предупреди дека континуираното снабдување од страна на Западот со оружје на Украина претставува опасност од глобална нуклеарна катастрофа. Во авторски текст за рускиот весник „Известија“, Медведев користи бескомпромисна и непопустлива реторика за да ги одврати НАТО и неговите сојузници од намерите да ѝ помогнат на Украина со испраќање оружје. Ваквата негова изјава на Запад се доживува како негова нова закана со нуклеарна војна поради Украина, иако неговите предупредувања се упатени поради „директното“ западно учество во руско-украинската војна.
Ваквата реторика на Дмитриј Медведев, која западните аналитичари веднаш ја оквалификуваа како „апокалиптична“, се смета за обид за одвраќање на западниот воен сојуз НАТО предводен од САД и западните сојузници на Украина од нивно уште поголемо вклучување во војната.
Притоа се укажува дека Русија има најголеми резерви на нуклеарно оружје во светот, со близу 6.000 боеви глави. Заедно, Русија и САД држат околу 90 отсто од нуклеарните боеви глави во светот – доволно за повеќекратно уништување на планетата. Според експертите, „Русија сѐ почесто користи реторика поврзана со нејзиниот нуклеарен арсенал за да се обиде да го исплаши Западот да го запре снабдувањето со оружје за Украина“.
Во анализата на последната изјава на Медведев се укажува дека таа доаѓа откако минатата седмица рускиот претседател Владимир Путин порача дека руската армија ќе ги продолжи нуклеарните проби доколку тоа први го направат САД и откако во неделата потенцираше дека политиките на колективниот Запад во текот на многу децении претставува егзистенцијална борба за опстанок на Русија и на рускиот народ.
– Секако трупањето оружје може да продолжи… и да спречи секаква можност за заживување на преговорите. Нашите непријатели го прават токму тоа, не сакајќи да сфатат дека нивните цели сигурно ќе доведат до целосно фијаско. Загуба за сите. Колапс. Апокалипса. Онаму каде што со векови заборавате на вашиот поранешен живот, додека урнатините не престанат да емитуваат радијација – напиша Медведев.
На почетокот од април минатата година, властите во Киев го прекинаа мировниот договор што го иницираа самите тие. Претходно, на крајот од март, по преговорите во Истанбул, беше објавено дека двете страни дошле до моментот на финализирање на одредбите од потенцијалниот договор. Меѓутоа, како што потоа пишуваа и самите украински и западни медиуми, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за тоа обвини „некои земји од НАТО“, Киев се повлече од преговорите по ненадејните посети на тогашниот британски премиер Борис Џонсон и американскиот министер за одбрана Лојд Остин.