Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев на „Телеграм“ напиша дека евентуалното распоредување на кој било контингент на британската армија во Украина практично ќе биде објава на војна против Русија, пренесе „Гардијан“.
Реакцијата на Медведев доаѓа по посетата на британскиот премиер Риши Сунак на официјален Киев.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски и премиерот на Велика Британија Риши Сунак денеска потпишаа билатерален договор за безбедносна соработка, објавија украинските медиуми.
Документот насловен „Договор за безбедносна соработка меѓу Украина и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска“ беше потпишан од лидерите на двете земји по преговорите во Киев, пренесе „Украинска Правда“.
– Да беа постигнати такви гаранции во 1991 година, особено со Велика Британија, војната немаше ни да започне – рече Зеленски.
Сунак додаде дека ова е „првата од многуте безбедносни гаранции“ што се потпишани. Тој нагласи дека Велика Британија е првата што и обезбедила на Украина смртоносно оружје, тенкови и ракети со долг дострел.
Сунак и Зеленски додадоа дека договорот предвидува рок на важност од 10 години, со можност за продолжување. Меѓутоа, ако Украина влезе во НАТО пред крајниот рок, безбедносните обврски ќе престанат да важат и ќе бидат вградени во системот на Алијансата.