Професорката Јанкиу Жанг во разговор со странски новинари што престојуваат во Пекинг, меѓу кои е и нашиот известувач - Фото: Милко Живковиќ

Еден сосема подруг агол за улогата на новинарството во кинеското општество

Од медиумите во Кина се очекува да бидат ориентирани кон решенија во своето известување, преку концептот познат како конструктивно новинарство. Овој пристап не е единствен за Кина, бидејќи се практикува и во одредени европски земји, но во азиската држава веројатно е поприсутен отколку на кое било друго место во светот. Конструктивното новинарство, според кинеското искуство, овозможува зголемување на оптимизмот, ефикасноста и општествената кохезија

Милко Живковиќ,
наш известувач од Пекинг

Британската пејачка Кејти Мелуа испеа „во Пекинг има девет милиони велосипеди, тоа е факт“, во својот хит од 2005 година, што поттикна многумина да се запрашаат дали главниот град на Кина навистина има толку многу велосипеди. Притоа може да се најде информација оти бројот на велосипеди во Пекинг е ограничен на 844 илјади во 2021 година. Но кинеските споделени велосипеди не се спомнуваат само во музиката туку деновиве се тема и во западните медиуми, што претставува неочекуван пример за прикажување различни начини на кои се известува за иста тема во западните и во кинеските медиуми.

Британски „Би-би-си“ и американски „Си-ен-ен“ известуваат за наводен проблем создаден од вишокот велосипеди во јавниот превоз во Кина, кои, според нив, се трупаат и оневозможуваат прописно паркирање во големите градови, особено во Шангај. Од друга страна, кинеските медиуми го посочуваат уредното паркирање на т.н. споделени велосипеди, нагласувајќи како нивното изнајмување преку интернет-апликации го олеснува секојдневниот јавен транспорт и помага за намалување на сообраќајниот метеж во големите градови.

Концептот на западните медиуми е дијаметрално спротивен од концептот на кинеските медиуми – Фото: ЕПА

Професорката по комуникации и заменик-деканка на Институтот за општество со заедничка иднина на Комуникацискиот универзитет на Кина (ЦУЦ) во Пекинг, Јанкиу Жанг, во разговор со странски новинари што престојуваат во Пекинг, се обиде да ги објасни начинот на работа и целите на кинеските медиуми, правејќи паралела со известувањето на западните медиуми, притоа посочувајќи ги и вестите за споделените велосипеди како пример.
– Ако известувањето е позитивно, тоа не проаѓа, бидејќи негативното привлекува внимание и со тоа го зголемува рејтингот, а рејтингот носи профит. Новинарството е бизнис. Западните видеоприлози за јавните велосипеди се снимени во навидум потемно издание и тие даваат негативен контекст – вели професорката Жанг.

Реалната слика на оваа тема веројатно е некаде на средина меѓу известувањето од два различни агла. Токму затоа, странските новинари во Пекинг што секојдневно ги користат јавните велосипеди, во меѓусебните разговори поттикнати од примерот посочен од професорката Жанг, споделуваа искуства како наидуваат на совршено наредени велосипеди, но и на не толку уредно оставени велосипеди, во обид да дојдат до сопствен заклучок.

Конструктивното новинарство: Решенија наместо проблематизирање

Од медиумите во Кина се очекува да бидат ориентирани кон решенија во своето известување, преку концептот познат како конструктивно новинарство. Овој пристап не е единствен за Кина, бидејќи се практикува и во одредени европски земји, но во азиската држава веројатно е поприсутен отколку на кое било друго место во светот. Конструктивното новинарство, според кинеското искуство, овозможува зголемување на оптимизмот, ефикасноста и општествената кохезија.

Конструктивното новинарство е нов пристап кон медиумското известување базиран врз идејата дека постои негативност во медиумите што треба да се коригира. Наместо пренагласување на проблемите и негативните вести, овој пристап цели на јавноста да ѝ овозможи објективна, прецизна информација во вестите. Овој начин на известување дава поширок контекст преку поопсежно претставување на важни теми, за јавноста да биде поупатена и подобро информирана. Во пракса, конструктивното новинарство е насочено кон барање решенија за проблемите.
– Конструктивното новинарство не означува позитивни или добри вести, туку е насочено кон решенијата. Различно е од истражувачкото новинарство и ударните вести, кои се премногу насочени кон негативното, конфликтите и проблемите. Конструктивното новинарство го поставува прашањето што може да се стори за решавање на проблемите, наместо само за нивно детектирање – објаснува професорката Жанг.

Западните либерални медиуми, според професорката Жанг, се занимаваат со истражувачко новинарство и со детектирање на проблемите, пропагирајќи одредени вредности, додека кинеските медиуми работат заедно со властите во изнаоѓање решенија преку конструктивното новинарство, практично со иста цел, за да ги помогнат развојот и функционирањето на општеството, односно раководењето со државата. Кинеските медиуми, како што се посочува во Пекинг, функционираат во поинаков систем, со модел на заемна доверба со власта.

Професорката токму затоа ја нагласува и улогата на кинеските медиуми во создавањето национално единство, сметајќи дека присуството на голем број медиуми со различна агенда не може да придонесе за унификација на државата.
– Кинеското новинарство не е поставено според универзалната конструкција за медиумите, туку има улога во развојот на општеството и во решавање на општествените проблеми. Кинескиот систем не може да се копира, но може да се прифати неговата мудрост за да се создаде национално единство – заклучува професорката Жанг.