Фото: ЕПА / Илустрација

Шефот на руската делегација во Истанбул, Владимир Медински по средбата со претставниците на Украина изјави дека руската делегација е задоволна од разговорите и е „подготвена да ги продолжи контактите“.

Медински рече дека руската страна разговарала за голема размена на затвореници која ќе се одржи со Украина „во наредните денови“. Од двете страни ќе бидат разменети по илјада воени заробеници.

– Украинската страна побара директни разговори меѓу Путин и Зеленски и ние го земавме предвид ова барање. Се договоривме секоја страна да ја претстави својата визија за можен иден прекин на огнот – изјави Медински.

И украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров претходно изјави дека Русија и Украина на состанокот договориле размена на по илјада воени заробеници, што е најголема размена од почетокот на војната.

– Разговаравме за прашањето за прекин на огнот. И за прашањето за размена на затвореници. Резултатот е размена на 1.000 лица за 1.000. Тоа е резултатот од нашата средба – изјави Умеров.

Тој додаде дека датумот на размена е утврден, но нема да биде објавен јавно.

Умеров исто така рече дека е разговарано за потенцијална средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин и оти наскоро ќе биде објавено соопштение за можна нова рунда разговори.

Разговарани се и „сите модалитети“ за прекин на огнот, додаде Умеров.