Најмалку три маскирани лица отвориле оган во концертната сала „Крокус Сити Хол“ во северозападниот дел на Москва, пренесуваат светските медиуми.
Руската разузнавачка служба ФСБ потврди дека има загинати и повредени во нападот, пренесе ДПА повикувајќи се на агенцијата Интерфакс.
Според „РИА Новости“, напаѓачите фрлиле експлозивна направа, што предизвикала пожар.
На снимките на социјалната мрежа „Екс“ од далечина се гледа како се шири чад од местото каде што се пукало. Видеата на социјалните мрежи покажуваат и луѓе кои брзаат за да излезат од концертната сала.
Московски специјалци, полиција, како и пожарникари се на местото на инцидентот.
Андреј Воробјов, гувернерот на московскиот регион, соопшти дека е формирана работна група за справување со ситуацијата.
– На лице место се прави се за да се спасат луѓето. Специјалните единици за брза интервенција работат. Во близина на „Крокус“ има повеќе од 70 екипи на брза помош, лекарите им ја пружаат потребната помош на сите – напиша Воробјов на Телеграм.