Илјадници граѓани протестираа денеска во центарот на Атина поради железничката несреќа кај Темпи во февруари 2023 година, барајќи правда за 57-те жртви, откако во јавноста излегоа нови информации од истрагата на техничкиот советник, ангажиран од семејствата на загинатите, јави МИА од Атина.
Протести се одржаа речиси во сите градови во Грција, а по завршување на официјалниот дел, во Солун и во Атина имаше инциденти, откако помали групи ја нападнаа полицијата, која одговори со шок бомби и солзавец.
Во Атина, инцидентите се префрлија во околните улици во поширокиот дел на центарот на градот, а според информациите на дописничката на МИА од Атина, од шок бомба повреден е фоторепортер.
И покрај инцидентите, дел од демонстрантите останаа пред грчкиот Парламент.
Претходно, на протестот говореа роднините на жртвите во несреќата, меѓу кои и претседателката на здружението „Темпи 2023“, Мариа Каристиану која ја загуби 20-годишната ќерка во несреќата, а во обраќењето истакна дека дел од загинатите „три минути се измачуваа, знаеја дека ќе умрат и чекаа да умрат“.