Илон Маск негираше дека извел непријателско преземање на владата и ги бранеше своите планови за кратење трошоци кога за првпат се појави во Белата куќа. Тој примаше прашања од новинарите во Овалниот кабинет стоејќи до Доналд Трамп, кој му додели задача да ги намали големината и трошењето на федералната влада.
Трамп притоа потпиша извршна наредба со која Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ) на Маск доби поголеми овластувања во напорите за намалување на федералната работна сила. Трамп исто така им нареди на федералните агенции да соработуваат со ДОГЕ. Одделот беше критикуван од Демократите дека е недоволно транспарентен.
Маск ги опиша владините кратења како здраворазумски мерки што не се ни драконски, ни радикални.
– Луѓето гласаа за големи владини реформи и тоа е она што ќе го добијат. Тоа е демократија – кажа Маск.
Тој смета дека федералните работници се неизбраната, четврта неуставна гранка на владата која има поголема моќ од избраните претставници.
– Намалувањето на федералните трошоци не е опционално, туку е од суштинско значење. Америка мора повторно да стане солвентна земја – рече Маск.
Трамп и Маск ги охрабруваат федералните работници да дадат отказ во замена за финансиски стимулации, иако судот во моментов ја разгледува законитоста на наредбите. Владини функционери рекоа дека повеќе од 65.000 работници ја прифатиле понудата.
Трамп тврди дека претставници на ДОГЕ откриле измами и злоупотреби во работењето на федерални агенции како УСАИД и проценува дека ќе откријат непотребно трошење вредно повеќе од еден трилион долари.
Маск го донесе синот во Белата куќа кај Трамп
Четиригодишниот син на Илон Маск беше вистинска ѕвезда на состанокот во Белата куќа. Маск го донесе директно кај американскиот претседател Доналд Трамп.
Малото момче со име X AE A-XII уживаше додека изведуваше лудории во Овалната соба.
![](https://novamakedonija.com.mk/wp-content/uploads/2025/01/ilon-mask-1-epa-696x464.jpg)