Во училиштето БОРГ во Грац, Австрија, утрово се случи масовно пукање во кое загинаа најмалку девет лица, додека напаѓачот, кој е десеттата жртва, извршил самоубиство, соопштија локалните власти – пренесе агенцијата АПА.
Најмалку 28 лица, меѓу кои ученици и наставници, се повредени. Напаѓачот, 22-годишен поранешен ученик на училиштето, бил пронајден мртов во тоалет, каде се заклучил и си го одзел животот по нападот. Според австриските медиуми, тој поседувал легално оружје – пиштол и пушка – и пукал во две училници, од кои една наводно била неговата поранешна училница. На социјалните мрежи се појави видео од друга училница во која се слушаат истрели.
Итните служби, вклучително и специјалната единица „Кобра“, брзо пристигнале на местото и ја пребарале зградата. Полицијата соопшти дека ситуацијата сега е под контрола, а учениците биле евакуирани под силно полициско обезбедување.
Црвениот крст мобилизирал 160 вработени, вклучително болничари, лекари од итната помош и 30 членови на тимот за кризни интервенции. Според командантот на спасувачките служби Гери Фоитик, ваквиот обем на ангажман е „многу невообичаен“. Активиран е посебен државен план за итни случаи за згрижување на повредените.
Австрискиот претседател Александер Ван дер Белен изјави на платформата „Блускај“ дека нападот „го погодува срцето на земјата“ и дека болката мора да се поднесе заеднички.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, изразија шокираност од нападот.
– Училиштата се симболи на младоста, надежта и иднината. Тешко е да се прифати дека стануваат места на смрт и насилство – напиша Фон дер Лајен на „Икс“. Калас додаде дека децата треба да се чувствуваат безбедно во училиштата и да учат без страв.
Градоначалничката на Грац, Елке Кар, потврди дека меѓу жртвите има ученици и најмалку една возрасна личност, а мотивот на напаѓачот, за кој полицијата верува дека дејствувал сам, сè уште не е познат.