Marine Le Pen
Фото: ЕПА

Француската крајнодесничарска лидерка Марин Ле Пен, нејзината партија „Национален собир“ и уште 11 лица ќе се појават пред апелациски суд поради обвинувања за злоупотреба на средства од Европскиот парламент – јави „Франс прес“ повикувајќи се на судски извори.

Од вкупно 24 лица осудени во март годинава, половината поднеле жалба на првостепената пресуда, додека останатите ја прифатиле казната.

На 31 март, Ле Пен беше осудена на четири години затвор, од кои две условно со електронска нараквица, и на петгодишна забрана за вршење јавна функција. Според судот, таа ја предводела шемата со која европски средства биле пренаменети за плаќање плати на партиски соработници во Франција, наместо на асистенти во Европскиот парламент.

Европарламентот процени дека е оштетен за околу четири милиони евра во периодот од 2004 до 2016 година. Ле Пен негира дека сторила какво било кривично дело и тврди дека процесот е политички мотивиран.

Забраната за извршување јавна функција веднаш стапи во сила, што во моментов ѝ оневозможува кандидатура на претседателските избори во 2027 година.

Апелациското судење е закажано за првата половина од 2026 година, а пресудата се очекува во лето истата година.