Претседателот Макрон снимен за време на погребната церемонија на папата Франциск / Фото: ЕПА

Дел од италијанскиот печат, врз основа на неколку индикатори, изрази основани сомневања дека „францускиот претседател маневрира заедно со католичкото движење ’Сант Еџидио‘ (блиско до покојниот папа) за да ги протурка своите кандидати на престолот на Свети Петар“. Додека американскиот претседател објавува на социјалните мрежи своја фотографија (преработена од вештачката интелигенција како папа), неговиот француски колега игра на сосема друг многу сериозен терен, со намера да се избере нов папа по негов терк, кој ќе биде близок на либералната идеологија (на Макрон и актуелните бриселски елити)…

Италијанскиот печат има индиции дека францускиот претседател заедно со католичкото движење „Сант Еџидио“ притиска врз конклавата

Според повеќе статии објавени во италијанскиот печат, во овие денови обележани со подготовки за конклавата што треба да започне на 7 мај, се вели дека „лавиринтските француски интриги се мешаат во процесот на назначување на идниот папа“. Од смртта на Франциск на 21 април, институции блиски до владата на Џорџија Мелони регистрираат индикатори за „конкретни планови на Емануел Макрон“, во кои се практикуваат „конкретни зафати, мерки и активности за спроведување стратегија насочена кон туркање на неговите кандидати на престолот на Свети Петар“.

Макрон сака да го избере и папата

„Макрон дури сака да го избере и папата“, објави насловната страница на „Ла верита“ во вторникот на 29 април, додека друг весник со иста политичка убеденост, „Либеро“, напиша наслов: „Макрон дури и се наметнува во конклавата“.
Понатаму, „Ил темпо“, конзервативен римски дневен весник, го критикуваше „интервенционизмот достоен за еден современ крал Сонце“ на францускиот претседател. (Во Франција, Макрон го има добиено прекарот Јупитер за неговиот начин на вертикално владеење). Заднината на овие, би рекле, ударни наслови е длабоката недоверба на италијанската десница во намерите на Франција, привилегираниот однос на Макрон со католичкото движење „Сант Еџидио“, кое беше блиско до покојниот папа, и вклученоста на оваа влијателна заедница во тензиите во рамките на Италијанската црква, нагласени од сегашниот транзициски период во Ватикан.
Според париски „Ле монд“, но и „Евроњуз“, причината за тоа е што францускиот претседател минатиот викенд одржа серија средби со кардинали и други црковни претставници во Рим, што, меѓу другото, ги наведе италијанските медиуми да пишуваат дека „Макрон се обидува да изврши притисок врз конклавата за избор на француски кандидат за понтификатската функција“.
Поточно, двата настана што поттикнаа сомнеж во овие весници се случија околу еден оброк. Ручекот во француската амбасада за кој објави „Фигаро“ беше широко објавен во италијанските весници, кои го протолкуваа како дел од кампањата за избор на француски папа. Оваа средба се одржа во саботата, на 26 април, по погребот на Франциск, меѓу Макрон и четворица од петте француски кардинални изборници: Жан-Марк Авелин, надбискупот на Марсеј, кој се смета за папабилен (потенцијален папа), Франсоа Бустиљо, епископот на Ајачио – кој го убеди папата Франциск да ја посети Корзика, Кристоф Пјер, апостолски нунциј во Соединетите Американски Држави и Филип Барбарин, почесниот надбискуп на Лион.
Индициите регистрирани меѓу италијанските набљудувачи беа поттикнати и од вечерата одржана претходниот ден во познатиот ресторан „Дал болоњезе“ на „Пјаца дел Пополо“ меѓу Макрон и основачот на заедницата „Сант Еџидио“, Андреа Рикарди, со кого е познато дека е близок.

Либералниот дневен весник „Ил фољио“ иронизираше за пишувањата дека постои „голем заговор на Макрон“

Рикарди – кој се смета за „уво на многу кардинали“ и како личност со најмногу контакти во црквата и кој исто така има слабост кон Франција, каде што студирал – ги отфрли гласините во четвртокот, изјавувајќи за италијанскиот весник „Ил фољио“ дека заговорот Макрон-„Сант Еџидио“ е „идиотизам“.
Рикарди и Макрон јаделе „фетучини, а не полжави“, рече тој, посочувајќи дека приказната за двајцата што кршеле леб додека поттикнувале кабала, во целина, била претерана.
Покрај тоа, шансите кардиналите Авелин и Бустиљо да бидат избрани за следен понтиф се мали, според експертите. Авелин се чини дека има недоволно познавање на италијанскиот – работниот јазик на Светиот Престол – додека Бустиљо, кој течно зборува италијански поради неговите корзикански корени, можеби е премногу млад, има 56 години, бидејќи се вели дека црквата е претпазлива во врска со продолжениот понтификат.

„Папабилниот“ Матео Зупи

Со повеќе од 70.000 лаички членови во 74 земји, ова католичко движење, создадено по Вториот ватикански собор во 1968 година, ги дели своите активности помеѓу помагање на најсиромашните низ целиот свет и паралелна дипломатија, заедно со посреднички напори, особено на африканскиот континент. Неговата експертиза го прави ценет соговорник на француските власти, но пред сè важен играч во соѕвездието на римските сили. Под водство на Франциск, заедницата играла важна улога во меѓународните односи на Светиот Престол.
Сега, излезе дека кардиналот Матео Зупи, надбискуп на Болоња и претседател на Италијанската епископска конференција, кој бил близок до поранешниот папа, исто така се појавува на неформалниот список на можни папи. Неговите промигрантски ставови и противењето на плановите за уставните реформи на реформистичкото и суверенистичко мнозинство на Мелони се во остра спротивност со опциите на извршната власт во Рим. Тоа беше доволно за да се рашири гласината дека и тој бил поддржан од Франција против интересите на италијанската влада.
Во средата, на 30 април, либералниот дневен весник „Ил фољио“ на тој начин иронизираше со „големиот заговор“ на Макрон, замислен од десницата, алудирајќи на антифранцуските чувства што им се припишуваат на одредени членови од придружбата на Мелони и нивните наводни преференции за поконзервативни кандидати.

Меѓусебна недоверба со Џорџија Мелони

„Сант Еџидио“ ги осудува „кратките патишта“ во заземањето на политичките ставови, кои се неосновани.
– Макрон се стреми да го разбере процесот, а не да влијае на него – се вели оттаму. Токму по покана на оваа организација, францускиот претседател отиде во Рим во октомври 2022 година на голема средба организирана на темата мир.

Односите меѓу Мелони и Макрон обележани со меѓусебна недоверба, рефлектираат соперништво и на полето на ватиканските маневри

Еден „случаен“ промашен и несинхронизиран момент предизвикан од организирањето предвремени избори (Мелони ги доби парламентарните избори, но тогаш сè уште не ги презеде своите должности како шефица на извршната власт) направи длабок јаз меѓу Париз и Рим.
Имено, и покрај тешката протоколарна забуна што останува во сеќавање, средбата меѓу двајцата лидери (Мелони и Макрон), сепак беше брзо организирана во хотел во главниот град.
Официјалната фотографија направена во оваа пригода забележа напнато ракување и напнати лица. Оттогаш, односите меѓу Мелони и Макрон останаа обележани со меѓусебна недоверба. Некои поддржувачи на претседателот на советот не се двоумеа да го проектираат своето наводно соперништво на полето на ватиканските маневри.
Франција немала папа од 14 век. Последниот понтиф од оваа земја бил папата Григориј Единаесетти, кој починал во 1378 година.
Во меѓувреме, смртта на папата Франциск и претстојната конклава, закажана за следната среда, го разбудија интересот на многу светски лидери, вклучувајќи го и американскиот претседател Доналд Трамп.
Во вторник, 47-от претседател на Соединетите Американски Држави се заложи за папство, изјавувајќи дека „би сакал да биде папа“, шегувајќи се дека тој ќе биде свој „избор број еден“ за следниот папа.
Републиканскиот сенатор Линдзи Греам ја поддржа кандидатурата на Трамп, велејќи дека тој ќе биде „вистински кандидат во сенка“ и побара од конклавата и присутните да „имаат отворен разум“ во врска со таа можност.
– Првата комбинација папа-американски претседател има многу предности. Додека чекаме на белиот чад… Трамп MMXXVIII – заклучи тој.

Тони Гламчевски, специјално за „Нова Македонија“ од Франција