Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Гранада изјави дека сака побрзо проширување на Европската унија (ЕУ), но оти досега земјите-членки не донеле никаква одлука.
– Уверени сме дека мораме да одиме многу побрзо по тоа прашање- изјави Макрон по неформалниот самит на ЕУ во Гранада, додавајќи дека е за поставување „амбициозна и прецизна цел“.
Сепак, засега е „премногу рано и не е донесена никаква одлука“, додаде францускиот претседател.
Европската комисија оваа есен треба да ги претстави своите препораки за отворање на пристапните преговори со Украина и Молдавија, кои добија кандидатски статус во јуни 2022 година.
Кандидати за членство се и пет земји од Западен Балкан.
– Постои се поголем консензус дека се соочуваме со вистинска трансформација … на нашата геополитичка визија за Европа – рече Макрон.
Според него, ЕУ треба да биде иновативна.
– Неколкумина од нас (во ЕУ) предложивме метод и нова амбиција за проширување – додаде францускиот претседател.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на крајот на август потврди дека ЕУ мора да биде подготвена да интегрира нови членки до 2030 година.