Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека сака да изгради нов светски поредок во кој неговата земја ќе игра важна улога во „новата алијанса“, пренесува „Танјуг“.
Тој повика на зајакнување на технолошката автономија и безбедноста на независноста на Европа, додавајќи дека зголемената координација меѓу Европејците не го поткопува, туку го зајакнува НАТО.
Тој, исто така, повика на „градење на нови партнерства со текот на времето кои би ги вклучиле вселенскиот и дигиталниот сектор“.
Зборувајќи за БРИКС, Макрон рече дека проширувањето на организацијата укажува на желба да се воспостави алтернативен поредок.
– Обидите за промена на постоечкиот светски поредок се закануваат да го ослабат Западот и особено Европа“, предупреди францускиот претседател на годишната конференција со амбасадорите, пренесува „ТАСС“.
Тој додаде дека ситуацијата на светската политичка сцена е се покомплицирана и дека постои опасност Западот и Европа да ја загубат својата сила.
– Мораме да преземеме трезен пристап кон ова без да се предадеме на прекумерниот песимизам – рече Макрон, додавајќи дека улогата на Советот за безбедност на Обединетите нации и другите меѓународни организации постојано се доведува во прашање.
Тој посочи дека се повеќе земји веруваат дека овие организации немаат легитимитет да им наметнуваат одредени правила и дека „овие правила се создадени во свет во кој овие земји не постоеле и не ги земаат предвид геополитичките, демографските и воена реалност“.
Зборувајќи за војната во Украина, Макрон рече дека е исклучена секоја можност за директно учество на Франција во тој конфликт, додавајќи дека Париз прави максимални напори да ја избегне можноста за ескалација на конфликтот.
Тој посочи дека е неопходно да се потпишат нови договори за ограничување на оружјето што претставува закана за европската територија.
Според него, периодот по завршувањето на војната во Украина „мора да биде проследен со нови договори кои создаваат рамка во областа на вооружувањето“.
– Мора да имаме сила и волја да создадеме концепт и да станеме потписници на овие идни договори – рече Макрон, пренесе „Ројтерс“.
Тој додаде дека игнорирањето на улогата на нуклеарната енергија во енергетскиот микс на Европа ќе биде „историска грешка“, нагласувајќи дека Франција не се согласува со Германија по ова прашање.