Планот за мир меѓу Русија и Украина може да биде склучен единствено со учество на Киев и европските партнери во преговорите, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
– Денес нема завршен план. Во однос на прашањето за териториите, тој може да биде финализиран само од претседателот Зеленски – подвлече Макрон на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател во Париз.
Тој додаде дека клучните елементи на идниот договор, како што се замрзнатите руски средства, безбедносните гаранции, европските санкции и процесот за пристапување на Украина кон Европската Унија, можат да бидат договорени само со учество на европските земји.
– Сè уште сме во прелиминарна фаза – изјави францускиот претседател.
Макрон го коментираше и корупцискиот скандал во Украина, кој доведе до оставка на високиот претседателски советник Андриј Ермак, нагласувајќи дека Париз нема намера да ја поучува земјата.
– Додека даваме пари и поддржуваме воени напори, нормално е да бараме. Но, забележувам дека борбата против корупцијата функционира, бидејќи се носат одлуки, а некои од нив се политички. Дали е наша улога да ѝ даваме лекции на Украина? Не баш. И ние сме имале слични скандали – рече Емануел Макрон.
Според францускиот претседател, во Русија нема антикорупциски механизми бидејќи таму има „вистинска диктатура“ и нема независни тела кои би се занимавале со коруптивни случаи, додека во Украина, барем, тие механизми работат.


































