Претседателот на Франција, Емануел Макрон, како што соопшти Елисејската палата, денеска телефонски разговараше еден час и 40 минути со неговиот руски колега Владимир Путин за намалување на растечката тензија во руско-украинската криза, јави дописникот на МИА.
Макрон го предупреди Путин дека „искрениот дијалог не е компатибилен со воената ескалација“ на украинската граница.
Макрон и Путин, како што се наведува во соопштението од Елисејската палата „искажаа желба да го продолжат дијалогот“ за „начините за придвижување на имплементацијата на Договорот од Минск“ за Донбас и за „условите за безбедност и стабилност во Европа“.
Макрон на 7 февруари се сретна со Путин во Кремљ, а потоа отпатува за Киев на средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Голем број западни земји, но не и Франција, побараа од своите државјани да ја напуштат Украина, а Москва најави дека ќе го намали својот дипломатски персонал.