Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека се залага на Украина да ѝ се дозволи да напаѓа воените бази во Русија со оружје со долг дострел обезбедено од западните партнери.
Макрон со ова им се приклучи на претходните изјави на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој исто така се залагаше за промена на тој став, поради сложеноста на војната во Украина.
И високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел вчера ги повика членките на Унијата да најдат рамнотежа меѓу стравот од ескалација и потребата Украинците да се бранат, оценувајќи дека Киев треба да може да гаѓа на руска територија со западно оружје.
Западните лидери во голема мера се воздржуваа од преземање на овој чекор бидејќи, како што наведуваат, постои ризик тој да го испровоцира рускиот претседател Владимир Путин, кој постојано предупредуваше дека директното учество на Западот може да го доведе светот на работ на нуклеарен конфликт.