Лидерката на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо на вчерашната средба во Белата куќа на американскиот претседател Доналд Трамп му го врачи својот медал за Нобелова награда за мир.
Претставник на Белата куќа изјави дека Трамп ќе го задржи одликувањето.
– Марија ми ја даде својата Нобелова награда за мир за работата што ја завршив. Прекрасен гест на меѓусебно почитување. Ти благодарам, Марија! – објави Трамп на социјалните мрежи.
Мачадо го опиша состанокот како „одличен“, истакнувајќи оти подарокот е признание за посветеност на Трамп на слободата на венецуелскиот народ.
Иако Мачадо му го додели на Трамп златниот медал што го добиваат лауреатите, наградата формално останува нејзина. Норвешкиот Нобелов институт соопшти дека наградата не може да се пренесе, сподели или одземе.
По средбата во Белата куќа, Мачадо се сретна со повеќе од десетина сенатори, и републиканци и демократи, на Капитол Хил.
Мачадо во декември избега од Венецуела. Нејзе и беше забрането да се кандидира на претседателските избори во 2024 година.

































