Вашингтон – Врховниот суд на САД го одби барањето на републиканците за откажување на 2,5 милиони гласачки ливчиња што пристигнаа по пошта во Пенсилванија, една од клучните сојузни држави во која победи избраниот претседател Џо Бајден. Без коментар, судот одби да го доведе во прашање процесот на официјална потврда на гласовите во Пенсилванија. Демократскиот гувернер Том Волф веќе ја потврди победата на Бајден над претседателот Доналд Трамп, а 20-те електори од оваа држава треба да се состанат на 14 декември за да му ги дадат своите гласови на Бајден.
Копенхаген – Руски државјанин што живее во Данска е обвинет за шпионажа, објави „Ројтерс“. Во обвинението што го пренесува новинската агенција се тврди дека Русинот доставувал информации за данската енергетска технологија до руската разузнавачка служба. Ова не е прв случај земјата да се соочува со ваква проблематика, а обвинителот на постапката додаде дека Русинот поради претходните сомнежи е во притвор од јули 2020 година.
Париз – Француското обвинителство побара поранешниот француски претседател Никола Саркози да биде осуден на четири години затвор од кои две да бидат условни. Како што пренесува АП, обвинителството тврди дека Саркози му понудил на судијата Гилберт Азибер профитабилна работа во Монако во замена за доверливи информации од истрагата за наводни нелегални исплати што ги примил од сопственичката на „Лореал“, Лилијан Бетенкор, за неговата претседателска кампања во 2007 година. Поранешниот француски претседател ги обвини обвинителите за лов на вештерки.
Амстердам – Уште еден супермаркет, трет за два дена, вчера беше тешко оштетен во експлозија во холандскиот град Бевервик во близината на Амстердам. При експлозијата никој не беше повреден, а холандските медиуми информираат дека продавницата била во сопственост на истото лице, како и супермаркетот во Алсмер, кој завчера беше оштетен исто така во експлозија. Полицијата кратко соопшти дека во тек е истрага за инцидентот.