Москва – Кремљ ги отфрли повиците на идната претседателка на Молдавија, Маја Санду, за повлекување на руските трупи од сепаратистичкиот регион Трансдњестар, велејќи дека ваквиот потег може да доведе до „сериозна дестабилизација“. Санду, која е за поблиски врски со Европската Унија, вети балансирани врски со Западот и Русија откако уверливо го победи прорускиот актуелен претседател Игор Додон во вториот круг на претседателските избори во Молдавија пред две недели.
Анкара – Турција воведе полициски час во текот на неделата и целосна блокада за време на викендите за борба против ширењето на коронавирусот, откако смртните случаи достигнаа рекордно ниво. Како што јавуваат турските медиуми, на граѓаните нема да им биде дозволено да го напуштаат домот помеѓу 21 часот и 5 часот наутро во работните денови и воопшто за време на викендите. Некои сектори, вклучувајќи ги синџирите на снабдување и производството, ќе бидат ослободени од мерките.
Вашингтон – Шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејезус го поздрави првиот неделен пад на глобалните случаи на ковид-19 од септември, наведувајќи го влијанието на мерките главно во Европа. Но тој предупреди дека бројот на смртни случаи сè уште се зголемува низ целиот свет и оти случаите сè уште растат надвор од Европа. Гебрејезус ги повика луѓето да бидат внимателни за време на празничната сезона.
Техеран – Иранските власти ветија дека ќе ги најдат и ќе ги казнат одговорните за убиството на еден од врвните ирански нуклеарни научници, Мохсен Фахризаде, кој беше погребан завчера, по минатонеделниот атентат врз него, јави „Њујорк тајмс“. Иранскиот министер за одбрана вети дека ќе ги пронајде и ќе ги казни одговорните за убиството, додека друг претставник на властите се јави со верзија на нападот што значително се разликува од првичните извештаи во иранските државни медиуми.