Берлин – Повеќе од 1.600 полицајци изведоа серија претреси во Берлин и уапсија три лица што се поврзуваат со ланскиот спектакуларен грабеж во музејот „Зелен трезор“ во Дрезден, кога беше украден дијамантски накит од 18 век. Полицијата не го објави идентитетот на уапсените, освен што кажа дека се германски државјани. Тие се сомничат дека минатиот ноември украле три комплети дијамантски накит, дел од колекцијата што владетелот на Саксонија Августус Силниот ја создал во 1723 година и која оттогаш се чуваше во „Зелениот трезор“, еден од најстарите музеи на светот. Меѓу украдените предмети е и меч обложен со девет големи и 770 мали дијаманти.
Виена – Во Австрија од вчера е воведена национална блокада во обид да се стави под контрола растот на заразени со коронавирус. Затворени се несуштинските продавници, а досегашниот полициски час од 20 часот до 6 часот наутро е проширен на цел ден, со специфични исклучоци, како што се купување најважни работи или вежбање. Луѓето треба да работат од дома каде што тоа е можно. Заклучувањето треба да трае до 6 декември.
Рим – Вулканот Стромболи, на истоимениот остров недалеку од Сицилија, повторно се разбуди и се забележани експлозии што исфрлија пепел во воздухот на височина од еден километар. Истиот тој е активен веќе 2.500 години, а сега повторно се пробуди, покривајќи неколку населби со пепел по ерупцијата, пренесуваат италијанските медиуми. Во таа насока се преземени безбедносни мерки во регионот на опасниот вулкан, соопшти Институтот за геофизика и вулканологија на Италија.
Москва – Односите меѓу Русија и ЕУ продолжуваат да се деградираат, но не по вина на Москва, рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, обраќајќи им се на учесниците на форумот „Средби во Потсдам“, што се одржува во форма на видеоконференција. Тој додаде дека колегите од ЕУ сакаат да обезбедат еднострана предност на штета на другите со што тие, според Лавров, направиле многу кратковид избор во корист на архаична геополитичка игра со нула резултат, во корист на создавање нови линии на поделба меѓу Москва и Брисел.