Баку – Азербејџанските власти ѝ дадоа на Ерменија дополнителни десет дена да ги евакуира своите сили од областа Калбајар близу Нагорно Карабах, област што викендов требаше да им биде предадена на азербејџанските сили. Од хуманитарни причини, Азербејџан се согласи да го продолжи рокот за повлекување на ерменските вооружени сили и илегалните ерменски доселеници од регионот Калбајар до 25 ноември, јави РСЕ. Ерменските власти претходно побараа дополнителен рок.
Брисел – Лидерите на Европската Унија денеска во Берлин треба да одржат специјален самит на кој ќе разговараат за комплицираните односи на Европа со Кина. Средбата се одржува во момент кога Европската Унија се бори да се обедини за нејзиниот став кон Пекинг, особено за грижата за човековите права и нелојалната трговија. Сите 27 лидери на последниот самит изразија „сериозна загриженост“ за кршење на правата во Хонгконг и против малцинствата, се вели во заклучоците од разговорите.
Вашингтон – Сѐ уште актуелниот претседателот на САД, Доналд Трамп, продолжува да дава неосновани тврдења дека претседателските избори биле „наместени“ и вети дека ќе поднесе повеќе тужби и покрај загубените обиди за поништување на резултатите во повеќе државни судови. Најновите твитови на Трамп укажуваат дека неговите напори да се бори против резултатот биле само почеток и наведе дека многу од досега поднесените случаи, кои главно пропаднале поради недостиг од докази, не биле поднесени од неговиот тим, јави Си-ен-ен.
Париз – Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, од вчера престојува во дводневна посета на Париз, како почеток на неговата турнеја низ Европа и Блискиот Исток. Тој ќе разговара со шефот на француската дипломатија Жен Ив Ле Дријан, а ќе биде примен и од претседателот на Франција Емануел Макрон. Помпео е на тешка турнеја по седум земји чии лидери веќе му ја честитаа победата на Џо Бајден на претседателските избори во САД, пренесува Би-би-си.
Целта на неговата турнеја, како што е соопштено во Вашингтон, е зајакнување на политичките приоритети на администрацијата на Доналд Трамп.