Букурешт – Најмалку десет луѓе загинаа викендов во пожар што зафати болница на северот на Романија, каде што се сместени пациенти што се лекуваат од ковид-19, соопштија локалните власти. Службата за итни случаи на северниот романски регион Неамт објави дека пожарот избувнал на Одделот за интензивна нега. Пожарот зафатил две простории во болницата каде што се лекуваат 19 пациенти со ковид-19 и засега не е познато што го предизвикало.
Анкара – Екипи на турската полиција за борба против тероризмот во Истанбул уапсија 19 странски државјани за кои е утврдено дека вршеле активности во корист на џихадистичката група Исламска држава (ИД) и подготвувале напад. Акцијата е спроведена истовремено на 16 адреси во девет области на Истанбул. Првичната истрага покажува дека уапсените лица подолго време престојувале во зоните на конфликт во Ирак и во Сирија, по што илегално преминале во Турција и пристигнале во Истанбул.
Брисел – Жаришта на птичји грип биле идентификувани во Белгија, поради што властите воведоа изолација на птиците, за сите што чуваат живина, вклучувајќи ги и домаќинствата, соопшти Сојузната агенција за прехранбена безбедност (Афсца). Актуелниот тип птичји грип Х5Н1 се појави во 2003 година и имаше поединечни случаи на зараза на луѓе со него. Се смета дека во својот сегашен облик на вирусот не е особено опасен за населението, зашто нема пренос од човек на човек, така што на заболување се изложени само лицата во интензивен контакт со заболени птици.
Вашингтон – Најмалку едно лице е прободено со нож и дваесетина се уапсени, откако викендов во Вашингтон се судрија илјадници поддржувачи на сѐ уште актуелниот претседател Доналд Трамп, кои протестираа против резултатите од претседателските избори и контрадемонстрантите. Поддржувачи на Трамп во саботата се собираа и во други градови, бидејќи не сакаат да ја прифатат победата на демократот Џо Бајден и ја оспоруваат легитимноста на изборите. Трамп ги одобри и ги поздрави собирањата.