Нагорно Карабах – Ерменија и Азербејџан се обвинија меѓусебно за кршење на новиот хуманитарен прекин на огнот за запирање на борбите во Нагорно Карабах, кратко време откако тој стапи во сила. Ерменското министерство за одбрана соопшти дека примирјето е нарушено двапати со гранатирање од страна на азербејџанските сили. Сепак, ерменскиот премиер Никол Пашинијан на Фејсбук изјави дека „и покрај неколкуте провокации, примирјето генерално се одржува“. Министерството за одбрана на Азербејџан соопшти дека неговите сили исто така се придржувале кон прекинот на огнот.
Киев – По затворањето на избирачките места на локалните избори во Украина, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина се движи во вистинската насока. Тој на својот официјален фејсбук-профил напиша дека „Украина има голем луксуз – слободни избори“. Изборите беа првите што се одржаа според новиот Изборен законик, со кој се децентрализира моќта на Киев од органите на локалната управа.
Минск – Во Белорусија треба да започне генерален штрајк, откако полициските сили лојални на Александар Лукашенко испукаа шок-бомби и приведоа голем број луѓе за време на протестите на кои се бара негова оставка. Опозициската лидерка Свјатлана Циханускаја повика на штрајк по задушувањето на вчерашните протестите во Минск и во другите градови.
Берлин – Германската влада постигна договор со синдикатите во јавниот сектор за платите, при што е договорено најниските плати да се зголемат 4,5 проценти, а највисоките 3,2, јавува АП. Договорот, кој предвидува еднократен бонус до 600 евра за работниците и дополнителни средства за медицинските сестри и вработените во домовите за стари лица, истекува на крајот на 2022 година. Според претставниците на синдикатот, вработените во здравствениот сектор особено заслужуваат зголемување поради нивната клучна улога во борбата против пандемијата.