Вашингтон – Борбен авион „Ф-35Б“ на американското воено воздухопловство се урна во сојузната држава Калифорнија откако се судрил во воздух со авион за полнење гориво, пренесуваат агенциите. Несреќата се случила над областа Империјал во американската сојузна држава Калифорнија, а пилотот на борбениот авион-ловец успеал да се катапултира и сега е на болничко лекување. Авионот за полнење гориво се вратил на аеродромот, а сите членови на екипажот се неповредени. Како што соопшти единицата на американските маринци, на која припаѓа борбениот авион, истрагата за инцидентот е во тек.
Кувајт – Емирот на Кувајт, шеикот Сабах Ал-Ахмад ал-Сабах, почина на 91 година, објави кралскиот двор. Шпекулациите за здравствената состојба на емирот траеја со месеци, бидејќи тој беше примен во болница неколкупати од минатата година. Шеикот Сабах управуваше со арапскиот производител на нафта и сојузник на САД од 2006 година и ја водеше надворешната политика на земјата повеќе од 50 години. Наследник е неговиот брат, шеикот Наваф ал-Ахмад ал-Сабах.
Берлин – Германската канцеларка Ангела Меркел апелира граѓаните да се придржуваат до епидемиолошките мерки за спречување на ширењето на коронавирусот. Како што пренесува АП, Меркел изјавила дека не смее да се дозволи повторно да биде воведено ограничување низ земјата и додала дека сака да спречи затворање на економијата и општеството.
Минск – Независниот белоруски сајт за вести „Тут.бу“ соопшти дека властите го забранија за три месеци, што е последно заострување од страна на властите на недржавните медиуми што известуваат за тековните политички превирања во земјата. Сајтот „Тут.бу“ во својата статија објавена на 29 септември на својата веб-страница наведува дека од 1 октомври на страницата ќе ѝ биде одземен статусот на регистриран медиум најмалку три месеци. Од белоруските власти нема потврда за забраната. Во меѓувреме „Тут.бу“ соопшти дека добил четири одделни предупредувања и дека ќе продолжи да објавува и да известува и покрај наредбата.