Палестина – Нема да има мир на Блискиот Исток додека трае израелската окупација на палестинските територии, реагираше палестинскиот претседател Махмуд Абас по потпишувањето на договорот за нормализирање на односите меѓу Израел и Бахреин и Обединетите Арапски Емирати.
Во последните неколку недели, Палестинците ги обвинија ОАЕ и Бахреин за предавство на „арапскиот консензус“ и истакнаа дека решавањето на израелско-палестинскиот конфликт е предуслов за нормализирање на односите со еврејската држава.
СЗО – Европа е во пресвртна точка во борбата против коронавирусот поради зголемувањето на бројот на заболени лица, почетокот на учебната година и доаѓањето на есента, предупреди денеска директорот на Светската здравствена организација (СЗО) за итни ситуации, Мајкл Рајан.
– Во Европа, луѓето наскоро ќе почнат да се враќаат во затворените простори. Притисокот на инфекцијата ќе се зголеми – рекол претставникот од СЗО на виртуелната прес-конференција.
Шефот на СЗО, Тедрос Адан Гебрејесус, во понеделникот изјави дека светот е далеку од крајот на пандемијата и дека бројот на смртни случаи засега е релативно низок.
Европски парламент – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во средата инсистираше на тоа дека Договорот за повлекување на брегзит потпишан меѓу Брисел и Лондон не може да биде еднострано променет.
Говорејќи пред Европскиот парламент, Фон дер Лејен предупреди дека шансите двете страни да постигнат сеопфатен трговски договор по брегзит „бледнеат“ со секој нов ден.
Русија – Партијата Единствена Русија поддржана од Кремљ освои доминантен број гласови, но во многу големи градови, особено во Сибир, го загуби мнозинството во градските совети. Сојузниците на Навални постигнаа неколку драгоцени успеси. Изборите се одржаа само три недели откако Навални насилно се разболе додека леташе кон Москва од Томск, каде што помагаше да ги собере своите локални приврзаници и да ја истурка својата иницијатива за „паметно гласање“.