Палестина/Израел – Палестинското исламистичко движење Хамас, кое ја контролира палестинската енклава, и израелските власти договориле прекин на речиси секојдневната размена на оган во појасот Газа и околината по еден месец.
– Постигнат е договор за сузбивање на ескалацијата и прекинот на ционистичката агресија врз нашиот народ – се истакнува во соопштението од канцеларијата на политичкиот претставник на Хамас во Газа, Јахја Синвар.
Израелската војска од 6 август речиси секоја ноќ го бомбардира појасот Газа, како одговор на лансирањето запаливи балони и ракетирањата на Израел од оваа палестинска територија.
Рамштајн – Руски борбени авиони го нарушија воздушниот простор под контрола на НАТО минатиот петок, кога пресретнаа американски бомбардер „Б52“, кој леташе над данскиот остров Борхолм на Балтичко Море, соопшти заедничката команда на воздухопловни сили на НАТО во Рамштајн. Руската војска соопшти дека нејзините патролни ловци „СУ27“ не го нарушиле данскиот воздушен простор, туку прелетале над неутралните води во Балтичко Море, за да го пресретнат американскиот бомбардер „Б52“, пренесе ТАСС.
Венецуела – Властите во Венецуела помилуваа над 100 опозициски политичари, вклучувајќи и над 20 пратеници, кои биле обвинети за заговор против претседателот Мадуро. Потегот на венецуелските власти се случува во пресрет на парламентарните избори, кои би требало да се одржат во декември. Меѓу опозициските политичари што се помилувани со указ од претседателот се пратеникот Фреди Гевара, кој побара азил во чилеанската амбасада, и Роберто Мареро, соработник на лидерот на опозицијата Хуан Гваидо, пренесе Ројтерс.
Русија – Бројот на официјално невработени во Русија во последните шест месеци е зголемен за пет пати, изјави рускиот министер за труд Антон Котјаков. Во моментов во Русија официјално има 3,6 милиони невработени, споредено со 727.000 во март, соопшти Котјаков во изјава за руските медиуми.