Вашингтон – Поранешен офицер на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) е уапсен во САД и е обвинет за шпионажа за Кина, соопшти Министерството за правда на САД, на 17 август. Александар Јук Чинг Ма (67) се соочува со максимална казна доживотен затвор ако биде осуден под обвинение за заговор со роднина, исто така поранешен офицер на ЦИА, односно за давање класифицирани информации за национална одбрана на кинеските разузнавачки службеници, се вели во соопштението на Министерството за правда.
Канбера – Австралиските власти соопштија дека изминатиот викенд заплениле големо количество кокаин пронајден во рибарски брод во водите на Пацификот покрај брегот во источниот дел од земјата. Како што пренесува Си-ен-ен, надлежните органи во саботата вечерта пресретнале брод откако од новозеландските власти добиле информација дека плови во водите на Пацификот. Запленетата дрога сè уште не е измерена, а се претпоставува дека тежи околу еден тон и дека нејзината вредност изнесува околу 180 американски долари.
Отава – Канадскиот министер за финансии, Бил Морно, поднесе оставка поради несогласувањата со премиерот Џастин Трудо за политиката на трошење, откако беше прозван за врски со добротворна организација за почнување програма за стипендирање студенти. Морно се повлече откако другите министри се спротивставија на износот за финансирање на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот и инвестициите во проекти за заштита на животната средина по карантинот, пишуваат британските медиуми.
Вашингтон – Температура од 54,4 Целзиусови степени е регистрирана во Калифорнија од американската Национална служба за метеорологија, а официјални лица велат дека тоа можеби била една од највисоките температури измерена со современи инструменти. Како што јави „Ројтерс“, температурата била забележана во националниот парк Долина на Смртта, соопшти временската служба, истакнувајќи дека е прелиминарна и сè уште не е официјална.