Киев – Договорениот прекин на огнот меѓу украинските сили и сепаратистите поддржани од Русија започна вчера на полноќ, јавија западните медиуми. Претходно претседателите на двете земи, Володимир Зеленски и Владимир Путин, телефонски разговараа за конфликтот во источна Украина и изразија поддршка за примирјето. Кабинетот на Зеленски соопшти дека украинскиот претседател му кажал на Путин дека се потребни понатамошни чекори за ослободување на украинските граѓани во источна Украина, Крим и во Русија.
Берлин – Околу 480 вработени, меѓу кои и многу сезонски работници од Источна Европа, се ставени во карантин на една фарма во Баварија, откако 174 лица се заразиле со коронавирусот, објавија локалните власти во Германија. Работниците се со потекло од Унгарија, Романија, Бугарија и од Украина. Сите вработени на имотот се во карантин, а еден од нив бил хоспитализиран.
Пјонгјанг – Сѐ уште нема индиции дека бегалецот од Северна Кореја, кој се врати во таа земја, е заразен со коронавирус, соопштија здравствените власти од Јужна Кореја. Претходно Пјонгјанг објави дека човекот што ја преминал границата меѓу двете земји би можел да биде првиот случај на инфекција со вирусот на северот. Засега од она што е познато е дека јужнокорејските власти го идентификувале 24-годишниот маж, кој одговара на описот и кој најверојатно неодамна се вратил на север, но сѐ уште не го соопштуваат неговото име.
Рабат – Во Мароко од вчера на полноќ стапи во сила забраната за влез во некои од најголемите градови во земјата, поради зголемувањето на бројот на случаи на коронавирус. Забраната за влез се однесува на градовите Казабланка, Маракеш, Фез и други, пренесе „Ројтерс“. Од почетокот на пандемијата во Мароко заболеа 20.278 луѓе, а 313 починаа. Во сила е вонредната состојба до 10 август, што на властите им овозможува да спроведат рестриктивни мерки во зависност од развојот на епидемиолошката ситуација.