Пекинг – Кина вчера успешно лансира ракета со ровер-возило за Марс од космодромот Венчанг во јужната провинција Хајнан и така ја започна својата најамбициозна вселенска мисија, јави „Ројтерс“. Ова е втора мисија испратена на Марс неделава, откако Обединетите Арапски Емирати во понеделникот од космодром во Јапонија ја лансираа својата прва ракета на Црвената Планета. Според најавите, САД наредната недела од Кејп Канаверал, на Флорида, треба да го лансираат својот ровер од новата генерација Персеверанс.
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека може да затвори дополнителни кинески конзулати по затворањето на дипломатскиот објект во Хјустон, Тексас, оставајќи простор за понатамошна ескалација додека се зголемуваат тензиите меѓу двете нации, пренесува РТ. Оваа изјава доаѓа по одлуката на Стејт департментот да му нареди на кинескиот конзулат во Хјустон да затвори во рок од 72 часа за да се заштитат американската интелектуална сопственост и Американците.
Кабул – Најмалку 45 лица, вклучувајќи и цивили и талибанци, загинаа во воздушен напад извршен од страна на владините сили во Херат во западен Авганистан, пренесува „Ројтерс“. Портпаролот на талибанците, Кари Мухамед Јусуф Ахмади, рече дека според негови информации загинале осум цивили, а 12 биле повредени. Последните настани се резултат на најавата на САД да ги повлече своите трупи од Авганистан според договорот постигнат во февруари со талибанците.
Пјонгјанг – Лидерот на Северна Кореја Ким Јонг-ун се појави во јавноста откако вторпат за краток рок дел од светските медиуми го направија мртов. Тој посети нова фарма за пилиња во изградба јужно од Пјонгјанг и се залага за подобрување на оваа застарена индустрија. Севернокорејската официјална агенција КЦНА не прецизира кога Ким ја посетил фабриката во Хванџу, јави АП.