Давос – Младата активистка Грета Тунберг порача дека ништо не е сторено во практиката за климата, дури и по неколкумесечната масовна мобилизација на младите луѓе низ целиот свет. Тунберг, која вчера говореше пред економската и политичката елита во Давос, истакна дека емисијата на јаглерод диоксид не се намалила и предупреди дека проблемот нема да се реши доколку не го третираме како вистинска криза. На првиот ден на форумот се очекуваше да се обрати и американскиот претседател Доналд Трамп.
Техеран – Иранскиoт пратеник Ахмад Хамзех понуди награда од три милиони американски долари за оној што ќе го убие американскиот претседател Доналд Трамп. Хамзех порачал дека од името на народот од провинцијата Керман ќе му плати три милиони долари во готово на оној што ќе го убие Трамп. Керман е родното место на иранскиот воен командант Касем Сулејмани, кој беше убиен на 3 јануари во американски воздушен напад со беспилотно летало во близината на Багдад.
Тел Авив – Израел им забрани на украинскиот и на полскиот лидер, Володимир Зеленски и Анджеј Дуда, да зборуваат на Светскиот форум за сеќавање на холокаустот, кој денес и утре ќе се одржи во Ерусалим, во меморијалниот центар „Јад Вашем“. По влошувањето на израелско-полските односи во последниве години, поради негирањето на израелската страна од официјалната Варшава дека Полјаците учествуваа во холокаустот, Дуда нема да присуствува на форумот во Ерусалим. Истиот проблем го има и украинскиот претседател Зеленски. Зеленски, за разлика од Дуда, ќе дојде во Ерусалим, иако смета дека чинот на оневозможување на говорот е неправеден.
Мексико Сити – Во Мексико лани се извршени 34.582 убиства, што е најголем број од 1997 година, кога почнале да се бројат овие кривични дела. Оваа бројка одговара на просечно 95 убиства дневно, четири убиства на час и е за 2,5 отсто поголема од бројката минатата година. Во земја со 126 милиони граѓани, проблемот со убиствата станува сѐ поголем откако во 2006 година во борбата против трговијата со дрога беше вклучена и војската.