Мадрид – Шпанската влада прогласи десетдневна национална жалост во сеќавање на речиси 27.000 починати од коронавирусот во земјата. Премиерот Педро Санчез на Твитер објави дека тоа ќе биде најдолгата национална жалост од воспоставувањето на демократијата во 1977 година, по речиси четиридецениската фашистичка диктатура на Франциско Франко.
Бриж – Бившата шефица на европската дипломатија Федерика Могерини е назначена за ректорка на Колеџот на Европа, а на новата функција ќе стапи на 1 септември. Нејзиното назначување било одобрено од мнозинството членови на советот на Колеџот, а еден бил воздржан, пренесе „Политико“. Магазинот, сепак, нагласи дека повеќе професори и функционери обвинуваат за кронизам бидејќи, според нив, Могерини ги немала потребните квалификации, не ги исполнувала условите и влегла во трката неколку месеци по истекувањето на крајниот рок за пријавување за позицијата.
Вашингтон – Јужна, Централна и Северна Америка станаа жариште на пандемијата на коронавирусот, изјави директорката на Панамериканската здравствена организација (ПАХО), Кариса Етиен. Таа посочи дека повеќе од 2,4 милиони случаи на заболени и над 143.000 смртни случаи се потврдени во тој дел на светот, но предупреди дека реалниот број на заболени луѓе може да биде уште поголем.
Сеул – Јужна Кореја објави најголем дневен скок на инфекциите од коронавирусот за речиси 50 дена. Откривањето 40 нови случаи предизвика тревога во земјата во која милиони деца се враќаат на училиште. Сите, освен четири случаи, потекнуваат од густо населениот Сеул и области околу градот, каде што официјалните лица се обидоа да спречат ширење на инфекциите во ноќни клубови, караоке-соби и магацини за е-трговија.
Хонгконг – Полицијата во Хонгконг одговори со солзавец и апсење на луѓе во неколку градски населби каде што протестираа против нацрт-законот за криминализирање на навредувањето на кинеската химна. Контроверзниот нацрт-закон оди на второ читање и интервентната полиција е на висок степен на готовност. Доколку биде изгласан, исмејувањето или злоупотребата на химната „Марш на доброволци“ со новиот закон може да биде казнето со затвор до три години и парична казна до 6.000 американски долари.