Брисел – Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе се состанат за да разговараат за наводната вмешаност на Русија во смртоносната експлозија на складиштето за муниција во Чешка во 2014 година, обвинение за кое Москва вели дека е „апсурдно“ и дека е знак за влијанието на Вашингтон врз Прага. Претходно чешката влада најави дека ќе ја отстрани ознаката на строга доверливост и ќе го објави извештајот на чешката служба за безбедност БИС. Чешките власти протераа 18 дипломати од руската амбасада во Прага, по што Москва протера 20 чешки дипломати.
Берлин – Врвни советници на лидерите на Украина, Русија, Франција и на Германија ќе се сретнат за да нацртаат пат за можен самит насочен кон ублажување на тензиите во источна Украина. Разговорите следуваат откако лидерите на Украина, Франција и на Германија минатата недела ја повикаа Русија да ја повлече насобраната војска во близината на украинската граница и во окупираниот Крим, поради загриженоста за намерите на Москва.
Вашингтон – САД ќе задржат средства за да спречат терористички напад што би започнал од територијата на Авганистан, и покрај повлекувањето на своите трупи до 11 септември, изјави шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен. Американскиот претседател Џо Бајден во средата рече дека повлекувањето на американските трупи ќе биде завршено до 11 септември на 20-годишнината од терористичките напади врз САД. Авганистан тогаш служеше како заднина за Ал каеда да започне напади на американска територија.
Париз – Францускиот претседател Емануел Макрон изрази волја за помирување на спомените меѓу Французите и Алжирците и покрај „одредениот отпор“ што постои во Алжир. Традиционално чувствителните односи меѓу Франција и Алжир неодамна дополнително се заладија по одложувањето на патувањето на францускиот премиер Жан Кастекс во Алжир. Двете земји имаат силни економски врски, добра разузнавачка соработка, но болно колонијално минато.