САД – Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден нареди фабрика во Балтимор, каде што беа уништени 15 милиони дози на вакцината на „Џонсон и Џонсон“, поради грешка при мешање со дел од препаратот за вакцината „Астра Зенека“, повеќе да не ја произведува вакцината на „Астра Зенека“, објави „Њујорк тајмс“. Отсега натаму, фабриката ќе произведува само вакцина на „Џ/Џ“ со една доза за да спречи мешање во иднина на составот на вакцините, се наведува во извештајот, во кој се цитирани двајца високи федерални здравствени службеници.
Австралија – Додека поголемиот дел од Европа е под силни мерки за контрола на коронавирусот, Австралијците го слават Велигден релативно неограничено, бидејќи државата не пријавила нови локални случаи на инфекција. Квинсленд имал само еден случај на инфекција во последните три дена. Државата има најстроги ограничувања на јавните собири.
Во другите делови на земјата, Австралијците се собраа на плажите, сакајќи да го искористат топлото време или да се соберат во семејствата, спротивно од минатогодишните велигденски празници кога мораа да останат во своите домови поради затворањето на државата.
Унгарија – Премиерите на Унгарија и на Полска, заедно со лидерот на италијанската партија Лига, поставија нови темели на сојузот на конзервативната десница во Европа, но тие не спомнаа дали тоа ќе доведе до промени во политичките групи во Европскиот парламент. Во исто време, Лондонската школа за економија објави извештај во кој проценува дека крајно десничарските европратеници делат премногу разлики за да можат да формираат кохезивен сојуз на ниво на ЕУ. На крајот од состанокот на 1 април во Будимпешта, унгарскиот премиер Виктор Орбан го поздрави „првиот чекор кон долг заеднички пат“, зборувајќи за потребата од „европска ренесанса“.
Мјанмар – Мјанмар може да се соочи со граѓанска војна како резултат на воениот удар во оваа југоисточна азиска земја, предупреди германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас, пренесе ДПА.
Маас побара сите меѓународни актери да го зголемат притисокот врз режимот, за тој конечно да ги прифати понудите за разговори со своите партнери во АСЕАН.
Од пучот, што беше изведен на 1 февруари, војската насилно ги задушува протестите и досега се убиени најмалку 550 лица, од кои 46 се деца.