Берлин – Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, му порача на својот германски колега Хајко Мас дека американските санкции против гасоводот „Северен тек 2“ се реална можност. Зборувајќи во Брисел, на 24 март, по приватните разговори со Мас претходниот ден, Блинкен ја повтори загриженоста на американскиот претседател Џо Бајден за гасоводот од Русија до Германија. Тој рече дека му рекол на Мас дека на компаниите вклучени во проектот им се заканува ризик од американски санкции, јави АП.
Москва – Производството на третата руска вакцина против коронавирус почна на платформата на центарот „Чумаков“. Вакцината „Ковивак“ спаѓа во таканаречените целовирусни вакцини. Во нејзината основа се користи вирус САРС-КоВ-2, кој е специјално обработен на начин што ќе ги изгуби своите инфективни својства, а ќе ја задржи способноста да предизвика имуна реакција. Таквите вакцини содржат цел комплет протеини на вирусната компонента и, според тоа, се очекува вакцината да биде најцелосна, јави „Русија бијонд“.
Каиро – Огромен товарен брод се заглави во Суецкиот Канал во Египет, блокирајќи еден од најкористените премини веќе цел ден. Бродот „Евер гивен“, долг 400 метри и способен да носи над 220.000 тони товар, веќе трет ден е заглавен во каналот, откако тој пробал да се сврти поради ветрот и слабата видливост предизвикана од бура од прашина. При вртењето, бродот целосно се заглавил во каналот и го блокирал поминувањето на повеќе мали бродови од двете страни. Сите членови на екипажот се безбедни и нема повреди или оштетување на товарот, пренесува „Вокс“.