Берлин – Германија е подготвена да ја продолжи делумната блокада, станувајќи една од многуте европски земји што воведува нови ограничувања, бидејќи третиот бран на коронавирусот го напаѓа континентот. Германската канцеларка Ангела Меркел и лидерите на сојузните држави ќе се состанат неделава на разговори за одговор на пандемијата, а локалните медиуми известуваат за нацрт-резолуција од канцеларијата на Меркел, која предлага продолжување на карантинот низ целата земја до 18 април.
Вашингтон – Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе отпатува за Брисел, каде што треба да се сретне со лидерите на НАТО и на ЕУ, како дел од напорите на претседателот Џо Бајден да ги обнови трансатлантските врски. Според најавите, Блинкен ќе присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО и ќе се консултира со сојузниците и со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, соопшти Стејт департментот.
Пекинг – Меѓународната група експерти на СЗО, која од 14 јануари речиси еден месец престојуваше во Кина и притоа спроведе заедничко истражување со кинески експерти за да се утврди потеклото на ковид-19, разви четири главни хипотези за можното потекло на вирусот. Она што е главно, како што пренесуваат западните медиуми, е дека коронавирусот веројатно не влегол во човечкото тело директно од лилјаците на пазарот за морска храна Вухан, како што се говореше во јавноста, туку најверојатно имало меѓупреносител.
Сиднеј – Австралиските власти планираат евакуација на дополнителни илјадници луѓе од погодените предградија на Сиднеј, додека градот се подготвува за најголемата поплава во изминатите 60 години, бидејќи и за наредните денови се најавени поројни дождови. Тие во изминатите денови го покачија нивото на водата во реките во најнаселената сојузна држава Нов Јужен Велс, предизвикувајќи огромни штети и евакуација на 18.000 луѓе.