Индија – Индија пријави најголем број заразени со коронавирусот во последните четири месеци. Министерството за здравство соопшти дека во претходните 24 часа биле регистрирани 43.846 новозаболени лица, што е најголем пораст за еден ден од средината на ноември. Повеќе од половина од новите инфекции се пријавени во најбогатата држава Махараштра, каде што е воведена блокада во некои области до крајот на месецот. Властите во главниот град Мумбај соопштија дека ќе спроведат задолжителни тестови за вирусот во пренаселените области
Израел – На последниот масовен протест пред изборите на 23 март во Израел, илјадници демонстранти се собраа во Ерусалим во саботата вечерта да го повикаат премиерот Бенјамин Нетанјаху да даде оставка. Организаторите рекоа дека околу 15.000 луѓе излегоа на протестот во саботата. Речиси девет месеци демонстрантите се собираат пред резиденцијата на премиерот, неделна карактеристика на израелскиот политички живот.
Турција – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган потпиша одлука со која ја повлече Турција од Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство позната како Истанбулска конвенција.
– Правата на жените се загарантирани со нашите закони, особено со Уставот. Нашиот судски систем е доволно динамичен и силен за да спроведе нови законски мерки кога е потребно – рече министерката за семејство, труд и социјална политика Зехра Зумрут.
Австралија – Рекордни врнежи од дожд и обилни поплави ги принудија властите да ги повикаат на евакуација на жителите по должината источниот брег на Австралија каде што се прелеа главната брана во близината на Сиднеј, првпат по 30 години. Властите го повикаа населението да се евакуира од ниските зони на источниот брег по обилните дождови што може да предизвикаат поплави и да ги загрозат животите.