Анкара – Турски суд осуди пет лица на доживотен затвор поради атентатот врз рускиот амбасадор во Анкара, кој се случи пред повеќе од четири години, објавија државните медиуми. Амбасадорот Андреј Карлов беше застрелан од страна на полициски службеник што не бил на должност, на отворање на изложба за фотографии во турската престолнина во декември 2016 година. Во 2018 година, турските власти обвинија 28 лица за вмешаност во убиството.
Вашингтон – Пентагон ќе задржи околу 2.300 војници на Националната гарда во Вашингтон за да го штити американскиот Капитол уште два месеца. Секретарот за одбрана Лојд Остин го одобри барањето од полицијата во Капитол за продолжување на распоредувањето на трупите до 23 мај „по детално разгледување на барањето“, соопшти Пентагон на 9 март. Оваа бројка е околу половина од 5.200 војници на Националната гарда, кои моментално се наоѓаат во Вашингтон за да го штитат Капитол.
Прага – Во нуклеарната централа во близината на местото Дуковани, ќе бидат изградени два нови нуклеарни реактори. Ова го соопштија чешките медиуми информирајќи дека нивната изградба веќе е одобрена од страна на регулаторот за нуклеарна енергија на Чешка, која цела година работеше на процена на овој проект. Нуклеарната централа „Дуковани“ е првата електроцентрала од ваков вид што е изградена во Чешка. Се наоѓа 30 километри југоисточно од местото Требич и претставува многу важен извор на енергија за оваа земја.
Вашингтон – Претставничкиот дом на САД денеска ќе гласа за нацрт-законот на администрација на претседателот Џо Бајден од 1,9 милијарда долари за ковид-19. Се очекува одобрување, по што Бајден треба да го потпише во текот на оваа недела. Донесувањето на масивниот пакет, кој е една од најголемите американски мерки за борба против сиромаштијата, ќе им донесе на Бајден и на демократите, кои го контролираат Конгресот, голема законска победа за помалку од два месеца од неговото претседателствување.