Прага – Чешката влада постигна договор во последен момент со гувернерите за воведување нова вонредна состојба од 14 дена и спречување хаотичен крај на мерките против коронавирусот. Без вонредни овластувања, малцинската влада на премиерот Андреј Бабиш нема да може да ги задржи ограничувањата во целата земја, како што се полициски час, забрани за јавни собири или затворање продавници и услуги.
Њујорк – Прва жена и прва Африканка на чело на Светската трговска организација ќе биде Нигеријката Нгози Окоњо-Ивеала, која неделава треба да биде назначена на функцијата, откако ја доби очекувана поддршка од администрацијата на американскиот Џо Бајден. По неколкумесечно блокирање на процесот, администрацијата на Бајден ја отстрани главната пречка за назначување на Нгози Окоњо-Ивеала на чело на СТО на 5 февруари.
Непјидо – Безбедносните сили во Мјанмар отворија оган за да ги растераат демонстрантите во северната држава Качин, а оклопни возила беа распоредени во поголемите градови, додека новите владетели на армијата се соочуваа со десеттиот ден од демонстрациите против пучот, на кои беа забележани стотици илјади луѓе на улиците. Освен со масовни протести, во земјата има и штрајк на владините работници, како дел од граѓанската непослушност против пучот од 1 февруари со кој беше симната цивилната влада предводена од Аунг Сан Су Ќи.
Вашингтон – Американскиот претседател Џо Бајден во петок ќе го одржи својот прв виртуелен состанок со другите лидери на групата од седум најразвиени земји во светот (Г7), а тие ќе разговараат за пандемијата на коронавирусот, светската економија и односите со Кина, објавија од Белата куќа. Тоа ќе биде прва средба на лидерите на Г7 од април минатата година, потсетува „Ројтерс“.