Њујорк – Тројца војници на Националната гарда загинаа во пад на хеликоптер за време на рутински тренинг во сојузната држава Њујорк, пренесе „Си-ен-ен“. Несреќата се случи во Мендон, гратче јужно од Рочестер, соопшти војската. Итните служби велат дека хеликоптерот горел по нивното доаѓање. Инцидентот е под истрага, но не се познати деталите за несреќата.
Багдад – Два самоубиствени бомбашки напада го потресоа Багдад, при што се убиени најмалку седум лица, а ранети над 25 други, јавија полициски службеници и државната телевизија. Официјалните лица соопштија дека две експлозии на 21 јануари погодиле фреквентен пазар на плоштадот „Тајаран“, во центарот на ирачката престолнина. Државната телевизија објави дека станува збор за самоубиствен бомбашки напад. Многу од ранетите се во сериозна состојба и се чини дека штетата е голема.
Вашингтон – Новиот американски претседател Џо Бајден потпиша укази со кои ја изрази намерата САД повторно да пристапат кон Париската спогодба за климата и во Светската здравствена организација (СЗО). Неколку часа по преземањето на должноста, Бајден во Овалниот кабинет на Белата куќа потпиша неколку укази со намера веднаш да поништи повеќе важни одлуки на својот претходник Доналд Трамп. Трамп во 2018 година донесе одлука за излегување на САД од Париската спогодба за климата, а во 2020 година и од СЗО.
Пекинг – Кинеската влада најави санкции против сега веќе поранешниот американски државен секретар Мајк Помпео и 27 други високи функционери од администрацијата на поранешниот претседател на САД Доналд Трамп, јавува „Си-ен-ен“. Во острата изјава објавена откако американскиот претседател Џо Бајден ја презеде должноста, кинеското министерство за надворешни работи наведе дека поранешните функционери на администрацијата на Трамп биле „антикинески политичари“ што ги поткопувале односите меѓу САД и Кина.