Москва – Рускиот претседател Владимир Путин вчера и официјално му честита на Џо Бајден за победата во Изборниот колеџ, со кој формално беше избран за нов претседател на САД. Путин му посака успех на Бајден и изрази уверување дека Русија и САД, и покрај несогласувањата, можат да решат многу проблеми и предизвици во светот, се вели во соопштението. Електорите на Изборниот колеџ во САД и официјално го избраа Бајден за претседател. Претседателот Доналд Трамп продолжува неосновано да тврди дека тој е победник на изборите.
Брисел – Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, неделава ќе биде гостин на Европската комисија во Брисел. Тоа е првпат шефот на Алијансата да учествува во работата на Комисијата. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен минатата недела телефонски разговарала со Столтенберг во рамките на подготовките за, како што напиша на Твитер, првата посета на генералниот секретар на НАТО на состанок на колеџот на Европската комисија.
Амстердам – Петнеделен карантин ќе се воведе во Холандија во обид да се спречи ширењето на коронавирусот, изјави завчера холандскиот премиер Марк Руте. Руте препорача граѓаните да останат во своите домови и да не примаат повеќе од две лица на ден. Тој додаде дека карантинот ќе трае до 19 јануари. Во тој период ќе работат само продавниците за храна и аптеките. Карантинот, кој почнува денеска, вклучува затворање на училиштата, половните продавници, музеите, кината, театрите, спортските сали и зоолошките градини. Холандија го надмина прагот од 10.000 смртни случаи од коронавирус, а изјавата на Руте доаѓа во време кога и соседна Германија објави дека од денеска ќе се применуваат построги мерки против пандемијата.
Абуџа – Радикалната муслиманска терористичка организација „Боко Харам“ ја презеде одговорноста за киднапирањето на повеќе од 300 ученици во северозападниот дел од Нигерија, пренесува АП. Во доцните часови во петокот минатата недела, терористите вооружени со „калашникови“ влегле во средното училиште за политички науки во Канкара и ги грабнале учениците, кои сѐ уште се во заложништво. Од нигериската влада известија дека напорите и активностите за спасување се во тек.