Брисел – Европската Унија постигна договор со американската биотехнолошка фирма „Модерна“ за снабдување до 160 милиони дози на нејзиниот кандидат за вакцини против ковид-19. Договорот ќе биде официјално одобрен од извршната власт на ЕУ, истакна Урсула фон дер Лејен. Како што јавува „Јуроњуз“, оваа вакцина може да биде многу ефикасна против ковид-19, наведувајќи дека штом вакцината навистина се докаже како безбедна и ефикасна, секоја земја-членка ќе ја прими во исто време пропорционално.
Вашингтон – Властите во Америка воведоа санкции против три нови руски компании, „Авијазапчаст“ „Елекон“ и „Нилко груп“, поради наводно кршење на американските закони за неширење оружје во Иран, Северна Кореја и во Сирија.
Одлуката за ограничувачки мерки стапи во сила на 6 ноември, а санкциите ќе важат две години, додека нивниот мандат може да се скрати или да се укинат со одлука на американскиот државен секретар, пренесе ТАСС.
Москва – Руската федерална служба за безбедност соопшти дека растурила ќелија на екстремистичката група Исламска држава, која планирала „акти на саботажа и терор“ во московскиот регион. Безбедносните службеници приведоа член на ќелијата, опишан како „граѓанин на централноазиска земја“, во регионот Владимир, источно од Москва, се вели во соопштението. За време на истрагата е запленета и домашна бомба, јави АП.
Мадрид – Шпанската цивилна гарда објави дека откривајќи мрежа шверцери со дрога, запленила 372.000 растенија канабис, што е речиси третина од вообичаените годишни заплени во земјата. Акцијата, спроведена во текот на октомври и ноември, доведе до откривање професионална мрежа за одгледување, собирање и продажба на канабис. Истрагата започната во мај годинава откри 52 насади со марихуана во Мадрид и други области со вкупно 372.000 растенија.