Техеран – Иран ослободи околу 70.000 затвореници поради епидемијата на коронавирус во земјата. Властите нагласија дека ќе продолжат со ослободување на затворениците сѐ до моментот кога тоа нема да предизвикува несигурност во општеството. Тие не посочија дали и кога ослободените треба да се вратат зад решетки.
Ерусалим – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побара за 45 дена да му се одложи почетокот на судењето за корупција, бидејќи немал пристап до документите што ги барал од обвинителството. Нетанјаху е прв премиер на Израел против кого е поднесено обвинение додека е на власт. Партијата на Нетанјаху на 2 март, на третите избори за само една година, освои најмногу гласови, но не и парламентарно мнозинство за самостојно да формира влада.
Амстердам – Во Холандија почна судењето против тројца Руси и еден Украинец за убиство и вмешаност во соборувањето на авионот на „Малезија ерлајнс“ во 2014 година. Судењето почна без присуство на обвинетите. Авионот, кој летал од Амстердам кон Куала Лумпур, беше соборен со проектил земја-воздух, над украинска територија под контрола на проруски сили, при што настрадаа сите 298 патници и членови на екипажот, од кои 196 беа Холанѓани. Русија, која Холандија ја смета за одговорна, негира каква било вмешаност.
Ријад – Престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, почна чистка во раководството на земјата, со апсење четири принца, меѓу кои и два истакнати члена на кралското семејство. Еден од уапсените е брат на Салман. Западни експерти и медиуми сметаат дека Салман со апсењата сака да ја зајакне својата моќ и да ги отстрани потенцијалните ривали, кои би можеле да му го попречат преземањето на престолот.
Картум – Лидерот на Судан, Абдала Хамдок, преживеа атентат во престолнината, каде што одекна експлозија во конвојот на премиерот. Семејството на Хамдок соопшти оти тој не бил повреден и дека бил однесен на безбедна локација. Засега никој не презема одговорност за нападот.