Пјонгјанг – Северна Кореја соопшти дека ги стопирале плановите за воена акција против Јужна Кореја и, наводно, ги демонтирале звучниците за пропаганда неодамна поставени по должината на корејската граница, јавува „Ројтерс“. Како што соопшти агенцијата, Работничката партија на С. Кореја ги евалуирала неодамнешните случувања и ги суспендирала плановите за воена акција против Јужна Кореја, предложени од Генералштабот на Народната армија.
Вашингтон – Твитер повторно го прекори американскиот претседател Доналд Трамп, означувајќи дека неговиот нов твит „ги прекршил“ правилата на платформата со кои се забранува „непримерно однесување“, но твитот сепак може да се чита во интерес на јавноста, јави Си-ен-ен. Твитер веќе минатиот месец докажа дека не се плаши да го санкционира Трамп, кому му е омилена платформа за комуникација со јавноста.
Техеран – Иран е отворен за преговори со САД, доколку Вашингтон се извини за повлекувањето од нуклеарниот договор од 2015 година и му го компензира тоа на Техеран, изјави вчера иранскиот претседател Хасан Рохани, предупредувајќи дека американските повици за преговори се неискрени. Конфликтот меѓу Техеран и Вашингтон се влоши од 2018 година кога американскиот претседател Доналд Трамп се повлече од иранскиот нуклеарен договор со големите сили од 2015 година.
Берлин – Германската полиција започна акција во Берлин против меѓународна криминална група, која е специјализирана за шверц со луѓе. Како што пренесоа германските медиуми, полицијата изврши претрес во вкупно 11 објекти и издаде налог за апсење на еден албански државјанин, соопшти портпаролот на полицијата. Во станот на осомничениот биле откриени четири лица, за кои постои сомнеж дека се жртви на шверц со луѓе.