Вашингтон – Четири лица загинаа, а две се тешко повредени при оружен напад во деловна зграда југоисточно од Лос Анџелес, Калифорнија, соопшти вчера американската полиција. Меѓу убиените има и дете, за кое не се знае зошто во моментот на инцидентот се наоѓало во просториите на деловната зграда. Напаѓачот е ранет од полицијата што излегла на местото на инцидентот и се наоѓа во болница.
Киев – САД изразија загриженост за, како што ја нарекоа, тековната руска агресија против Украина, поради извештаите за натрупување руски трупи по должината на украинската граница и на Крим. Државниот секретар Антони Блинкен во телефонски разговор со својот украински колега Дмитро Кулеба ја потврди поддршката на САД за Украина „пред постојаната агресија на Русија“ и „изрази загриженост за безбедносната состојба во источна Украина“, соопшти Стејт департментот.
Бурма – Специјалната претставничка на ОН за Мјанмар, Кристин Шранер Бургенер, предупреди дека таа земја се соочува со можност за широка граѓанска војна и го повика Советот за безбедност да разгледа „потенцијално значајна акција“ да се отстрани воената хунта од власт и да се врати демократијата. Шранер Бургенер не прецизира за какво дејство ќе смета дека е значајно, но таа претстави мрачна слика за конфронтацијата на воените власти со демонстрантите.
Њујорк – Светската здравствена организација ја критикувала неприфатливата бавност на вакцинацијата против коронавирусот во Европа, која со месеци е соочена со многу загрижувачка епидемиолошка ситуација. Директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге, порачал дека „вакцината е најдобриот пат за излегување од пандемијата“.