Вашингтон – Најмалку 10 лица се убиени, меѓу кои и еден полицаец, во оружениот напад во супермаркет во Болдер, во американската сојузна држава Колорадо. Претставничка на полицијата во градот соопшти дека инцидентот почнал завчера попладне, кога осомничениот влегол во супермаркетот и отворил оган. Убиениот полицаец прв стигнал во маркетот и смртно бил погоден, додаде таа, истакнувајќи дека осомничениот е приведен и оти луѓето се безбедни.
Тел Авив – Во Израел се одржуваат парламентарни избори, четврти за помалку од две години. Конзервативната партија Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху е фаворит за победа според испитувањата на јавното мислење, што не значи дека тој и неговите сојузници ќе имаат мнозинство во Кнесетот. Според анкетите, блокот против Нетанјаху, составен од левичарски, десничарски и центристички партии, има уште помали шанси да формира владејачка коалиција. Право на глас имаат околу шест и пол милиони Израелци, а се очекува до утре изутрина да бидат пребројани од 60 до 70 отсто од гласовите.
Берлин – Германија ги продолжува рестрикциите за уште еден месец и воведува уште некои строги мерки за време на велигденските празници, во напорите за запирање на ширењето на коронавирусот, соопшти рано изутрината канцеларката Ангела Меркел. Во изјавата по маратонскиот видеоразговор со 16 гувернери на германските сојузни држави, Меркел изјави дека рестрикциите воведени до 28 март, ќе останат во сила до 18 април.
Будимпешта – Унгарските власти ги одобрија за итна употреба вакцината на кинеската компанија „Кансино“ и индиската верзија на вакцината на „Астра Зенека“, со што бројот на одобрени вакцини од страна на Унгарија достигна седум. На прес-конференцијата на која беше соопштена одлуката, беше посочено дека вакцините ѝ се потребни на Унгарија поради зголемениот број на случаи на коронавирус и една од највисоките стапки на зараза, објави „Вашингтон пост“.