Русија – САД и ЕУ излегоа со осуда за употребата на полициска сила врз демонстрантите и новинарите, по завчерашните протести во повеќе градови во Русија за поддршка на опозиционерот Алексеј Навални, на кои имаше и над 3.000 приведени демонстранти, САД бараат ослободување на притворените демонстранти, но и на Навални.
– Постојаните напори за сузбивање на правата на Русите за мирни собири и слобода на говорот, апсењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални и сузбивањето на протестите, загрижувачки укажуваат на натамошните ограничувања на цивилното општество и основните слободи – се наведува во реакцијата на Стејт департментот. Реакција имаше и од високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел, кој изрази жалење поради „масовните апсења и употребата на прекумерна сила“. Тој наведе дека е загрижен и поради прекинувањето на интернетот и телефонските врски за време на протестите.
Повеќе земји-членки и Европскиот парламент бараат и воведување нови санкции против Русија, но за тоа е потребна едногласна одлука од сите 27 членки.
Чешка – Во Чешка се отворија баровите и рестораните во знак на протест против ограничувањата на Владата за спречување на коронавирусот, кои се затворени од октомври.
Угостителските објекти што работат и покрај забраната, се соочуваат со максимална казна од 765 евра, додаде за АФП портпаролот на градската администрација во Прага, Вит Хофман.
Чешка, која е тешко погодена од пандемијата уште од летото, досега пријавила повеќе од 930.000 заразени со коронавирусот, од кои 15.270 починале. Во просек, има околу 8.000 заразени на ден.