Европскиот парламент го избра луксембуршкиот социјалдемократ Марк Ангал за нов потпретседател, откако неговата претходничка Ева Каили беше уапсена и разрешена под обвинение за примање мито од Катар.
Ангал, кој е член на Европскиот парламент од 2019 година, стана еден од 14-те потпретседатели на ЕП, а беше избран по два круга тајно гласање.
Тој во првиот круг ја доби поддршката од 263 од 555 пратеници кои гласаа, додека италијанската претставничка од десничарскиот клуб „Идентитет и демократија“, Аналиса Тардино, доби 179 гласа. Француската претставничка од Зелените, Гвендолин Делбос-Корфилд доби 113 гласа.
Ангал по вториот круг го обезбеди неопходното супермнозинство меѓу пратениците кои гласаа. За него гласаа 307 од 590 пратеници, а 55 беа воздржани.
Тардино го поддржаа 185 од нив, а Делбос-Корфилд 98.
Минатиот месец ЕП го потресе истрагата на белгиското правосудство, во која под сомнение за корупција беше приведена поранешната потпретседателка на тоа тело, грчката социјалистичка претставничка Ева Каили.
Каили е во притвор по полициските рации минатиот месец, а на претходната пленарна седница во декември беше сменета од функцијата потпретседател на ЕП.